Актуелниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти Ли Харви Освалд го убил претседателот Џон Ф. Кенеди во 1963 година, но се прашува дали атентаторот имал помош. На прашањето дали верува дека Освалд го убил Кенеиди – „верувам“, изјави Трамп во разговор со Клеј Тревис, основач на спортскиот портал Outkick, за време на интервјуто за Air Force One. Американското Министерство за правда и другите федерални институции со години го потврдуваат заклучокот дека Освалд дејствувал сам. Но, анкетите покажуваат дека многу Американци сè уште веруваат дека Кенеди е убиен како дел од поширок заговор.
По налог на Трамп, владата оваа недела објави илјадници страници дигитализирани документи поврзани со атентатот на Кенеди. Трамп вети поголема транспарентност во однос на околностите на смртта на Кенеди за време на изборната кампања минатата година. По преземањето на функцијата, тој исто така им нареди на своите помошници да подготват план за објавување на документи поврзани со атентатите во 1968 година на братот на Кенеди, Роберт Кенеди и лидерот за граѓански права Мартин Лутер Кинг Џуниор.