Белата куќа очекува овие тарифи да донесат 100 милијарди долари од приходи годишно, но проблемот е што дури и американските производители на автомобили ги набавуваат своите компоненти од различни делови на светот. Претседателот Доналд Трамп во средата изјави дека воведува 25% тарифи на увозните автомобили, потег кој Белата куќа тврди дека ќе го поттикне домашното производство, но истовремено може да ги оптовари автомобилските компании што зависат од глобалните синџири на снабдување, пренесува Асошиејтед Прес. „Ова ќе продолжи да го поттикнува растот. Ефективно ќе наплатуваме 25% тарифа“ изјави Трамп пред новинарите. Белата куќа очекува овие тарифи да донесат 100 милијарди долари од приходи годишно, но проблемот е што дури и американските производители на автомобили ги набавуваат своите компоненти од различни делови на светот. Зголемувањето на даноците од април значи дека автомобилските компании може да се соочат со повисоки трошоци и намалени продажби, иако Трамп тврди дека ова ќе доведе до отворање нови фабрики во САД и крај на она што тој го нарекува „смешен“ синџир на снабдување, каде делови и готови возила се произведуваат во САД, Канада и Мексико.
За да ја нагласи својата одлучност, Трамп изјави: „Ова е трајно.“ Акциите на General Motors паднаа за околу 3% во средата, додека акциите на Ford имаа мал пораст. Акциите на Stellantis, сопственикот на Jeep и Chrysler, се намалија за речиси 3,6%. Трамп одамна тврди дека тарифите на увезени автомобили ќе бидат клучна политика на неговото претседателство, сметајќи дека зголемувањето на трошоците ќе натера повеќе производители да ја преселат својата продукција во САД, а истовремено ќе помогне во намалување на буџетскиот дефицит. Но, американските и странските производители на автомобили имаат фабрики ширум светот за да ги задоволат глобалните продажби и да ги одржат конкурентните цени – и може да бидат потребни години за да се проектираат, изградат и отворат нови фабрики што Трамп ги ветува. Тарифите за автомобилите ќе започнат да се наплатуваат од 3 април, посочи Трамп. Доколку овие даноци целосно се пренесат на потрошувачите, просечната цена на увезеното возило може да се зголеми за 12.500 долари, што може да доведе до зголемена инфлација. Трамп беше реизбран минатата година затоа што гласачите веруваа дека ќе ги намали цените.
Странските лидери брзо ги критикуваа тарифите, што е знак дека Трамп може да ја интензивира пошироката трговска војна, која може да нанесе штета на глобалниот економски раст. „Ова е многу директен напад,“ изјави канадскиот премиер Марк Карни. „Ќе ги браниме нашите работници. Ќе ги браниме нашите компании. Ќе ја браниме нашата земја.“ Во Брисел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази жалење поради одлуката на САД да воведат тарифи на автоизвозот од Европа и вети дека ЕУ ќе ги заштити потрошувачите и бизнисите. „Тарифите се даноци – лоши за бизнисот, уште полоши за потрошувачите, подеднакво во САД и во Европската Унија,“ рече таа во изјава, додавајќи дека извршното тело на ЕУ ќе го процени влијанието на оваа мерка, како и на другите американски тарифи што се планираат во наредните денови. Додека Трамп ги објавуваше новите тарифи, тој посочи дека сака да воведе нов поттик за купувачите на автомобили, дозволувајќи им да го одбијат од своите федерални даноци износот на каматата платена за авто-кредити, под услов нивните возила да се произведени во Америка. Овој даночен одбиток би можел да ги намали некои од приходите што би ги генерирале тарифите. Новите тарифи ќе се применуваат и на готови автомобили и на делови што се користат во возилата, според официјален претставник на Белата куќа кој зборуваше анонимно за новинарите. Тарифите ќе бидат дополнителни на веќе постоечките даноци и се правно засновани на истрага од Министерството за трговија од 2019 година, спроведена за време на првиот мандат на Трамп, врз основа на национална безбедност. Извор: Новинска агенција МЕТА