Американскиот претседател Доналд Трамп е во дилема дали рускиот претседател Владимир Путин воопшто сака да ја заврши војната во Украина. Оваа негова проценка доаѓа само еден ден откако изјави дека Украина и Русија се „многу блиску до договор“.
„Ова е војна на поспаниот Џо Бајден, а не моја. Беше осудена на пропаст од првиот ден и никогаш не требаше да се случи. Никогаш немаше да се случи ако јас бев претседател. Сега само се обидувам да го исчистам нередот што ми го оставија Обама и Бајден – и тоа каков неред е тоа.
Но, со сето тоа, нема оправдување Путин да испукува ракети врз цивилни области, градови и села во последните денови. Ова ме наведува да мислам дека можеби тој дури и не сака да ја запре војната, само ме „тапка“ по рамо, па затоа треба да биде принуден на поинаков начин – можеби со финансиски или некои други санкции. Премногу луѓе умираат“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“ по заминувањето од погребот на папата Франциск.
Трамп имаше средба со Зеленски во Ватикан, која украинскиот претседател ја оцени како историска – ако се постигне завршување на војната со Русија.