Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обидува да излезе од договорот за минерали со САД, изјави американскиот претседател Доналд Трамп. „Мислам дека Зеленски се обидува да се повлече од договорот за ретките минерали, и ако го направи тоа, ќе има големи, многу големи проблеми“, им рече Трамп на новинарите во Air Force One. „Постигнавме договор, а сега тој вели: „Па, знаете, би сакал да преговарам од почеток“. Тој сака да се приклучи на НАТО. Тој никогаш не ни требаше да се приклучи на НАТО, тој го знае тоа. Ако сега се обиде повторно да преговара ќе има огромни проблеми“, рече Трамп. Зеленски во петокот рече дека Украина нема да се согласи на договор што ќе го загрози нејзиниот европски пат. „Ништо што би можело да го доведе во прашање пристапувањето на Украина во Европската унија не доаѓа предвид“, рече тој на прес-конференција во Киев.
Овие изјави доаѓаат откако Вашингтон му понуди на Киев нов пакет за соработка во рударството и енергетскиот сектор, со кој на САД ќе им се овозможи пристап до украинската нафта, гас и минерали преку заеднички инвестициски фонд, а приходите од проектите ќе бидат поделени меѓу двете земји. Според украинските медиуми, Зеленски рекол дека најновиот нацрт-договор содржи голем број нови точки кои претходно не биле на маса, како и некои елементи кои двете страни претходно ги отфрлиле. Блумберг во петокот објави дека Украина ќе побара промени кои ќе вклучуваат поголеми американски инвестиции и дополнителни појаснувања за тоа како ќе функционира заедничкиот фонд за обнова. Во меѓувреме, руските државни медиуми објавија дека Москва и Вашингтон започнале свои разговори за соработка во секторот за ретки метали.