Aмериканскиот претседател Доналд Трамп им ги укина безбедносните дозволи на неговиот претходник Џо Бајден, на поранешната потпретседателка Камала Харис, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон. „Утврдив дека веќе не е во национален интерес следните лица да имаат пристап до доверливи информации“, рече Трамп во меморандумот вчеравечер, во кој беше вклучен и поранешниот државен секретар Антони Блинкен.
На списокот на американскиот претседател се најде и поранешната републиканска претставничка Лиз Чејни, остар критичар на Трамп, потоа поранешниот советник за национална безбедност на Бајден во Белата куќа, Џејк Саливан, како и Фиона Хил, експерт за Русија, која беше во неговиот Совет за национална безбедност за време на првиот мандат. Поранешните претседатели на САД традиционално добиваа брифинзи за разузнавачки информации за да можат да ги советуваат актуелните претседатели за националната безбедност и надворешната политика. Во 2021 година, Бајден го укина безбедносното одобрение за Трамп, кој исто така беше поранешен претседател во тоа време.