Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Главна тема на средбата е војната во Украина и актуелната ситуација со предложениот едномесечен прекин на огнот, а средбата се одржува во Белата куќа зад затворени врати, објавија светските медиуми. Пред почетокот Трамп и Руте накратко се појавија пред новинарите. Претседателот рече дека „се надева дека Русија ќе дејствува директно“, а изјавата на Путин ја опиша како „ветувачка, но не и целосна“. Сепак, особено внимание привлече реченицата на Трамп, пренесена од Ројтерс.
Тој и Руте беа пречекани со прашања за американските напори да го заземат Гренланд. И додека шефот на НАТО не сакаше да зборува за тоа, Трамп рече: – Мислам дека анексијата на Гренланд ќе се случи. Нашата администрација се занимава со Данска и Гренланд, ќе направиме договор. Тој рече дека „не размислувал премногу за тоа“, па се сврте кон Руте. – До мене седи човек кој би можел да биде клучен за тоа прашање. Трамп, исто така, рече дека исходот од изборите на Гренланд, каде што опозициската партија Демократи, која се залага за бавен пристап кон независноста од Данска, освои најмногу гласови, е „добар за Соединетите држави“.