Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ќе воведе секундарни тарифи од 25 до 50 отсто за целата руска нафта доколку почувствува дека Москва ги попречува неговите напори да стави крај на војната во Украина, а тие би можеле да стапат на сила во рок од еден месец доколку не дојде до прекин на огнот. Трамп за NBC News изјави дека бил лут и изнервиран кога рускиот претседател Владимир Путин го критикувал кредибилитетот на раководството на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој телефонски изјавил дека планира да разговара со Путин оваа недела. За време на неговата претседателска кампања во 2024 година, Трамп постојано ветуваше дека ќе стави крај на, како што ја нарекува, „смешната“ војна во Украина, а тој беше силно фокусиран на ова прашање откако ја презеде функцијата на 20 јануари. Самиот Трамп побара нови избори во Украина и во еден момент го нарече Зеленски диктатор. Путин во петокот предложи Украина да биде ставена под некаква привремена администрација за да се овозможи нови избори и потпишување на клучни договори.
-Доколку Русија и јас не можеме да постигнеме договор за запирање на крвопролевањето во Украина и ако утврдам дека тоа е виновна Русија, ќе воведам секундарни царини за нафтата, за целата нафта што доаѓа од Русија“, рече Трамп. „Тоа би значело дека ако купувате нафта од Русија, не можете да работите во САД- додаде Трамп.
-Ќе има царина од 25 проценти за целата нафта, тарифа од 25 до 50 процентни поени за целата нафта- истакна тој. Тој рече дека царините за руската нафта ќе стапат на сила во рок од еден месец без договор за прекин на огнот. Трамп рече дека Путин знае дека е лут на него, но нагласи дека има „многу добри односи со него“ и дека „лутината брзо ќе стивне ако ја направи вистинската работа“.