Доналд Трамп нареди истрага за постапките на Џо Бајден за време на неговиот мандат, обвинувајќи ги соработниците на поранешниот претседател за „заговор“ насочен кон „измама на јавноста за менталната состојба на Бајден“.
Во овој последен потег за дискредитација на својот претходник, Трамп се нафрли на употребата на автоматското пенкало (автопен – уред за репродукција на потпис што претседателите, вклучувајќи го и Трамп, го користат со децении) од страна на помошниците на Бајден за потпишување на извршни наредби.
„Оваа завера означува еден од најопасните и највознемирувачки скандали во американската историја“, рече Трамп во средата.
Бајден го нарече потегот на Трамп „смешен“, велејќи дека неговите тврдења имаат за цел да ги доведат во заблуда Американците, додека неговата администрација работи на проширување на даночните олеснувања за богатите.
Трамп и неговите републикански сојузници долго време ја доведуваат во прашање менталната острина на Бајден и се обидуваат да поништат некои од претседателските помилувања и федералните закони издадени на крајот од неговиот мандат.
Комитет предводен од републиканците во Претставничкиот дом побара сведоштво од најблиските соработници на Бајден, вклучувајќи го и неговиот прв шеф на кабинетот, во врска со неговите „ментални и физички способности“ додека ја водеше земјата.Во средата, 78-годишниот Трамп рече дека Американците биле „заведени во заблуда за тоа кој ја држел извршната власт“, додека потписот на Бајден бил додаден во документи за кои Трамп рече дека довеле до „радикални промени во политиката“.
Бајден, кој сега има 82 години и боледува од напреден рак на простата, му возврати на Трамп, велејќи: „Да бидам јасен: јас ги донесов одлуките за време на моето претседателствување. Јас ги донесов одлуките за помилувањата, извршните наредби, законодавството и прогласите“, рече тој.„Секое тврдење дека јас не сум го направил тоа е смешно и лажно“, рече Бајден во соопштението од средата вечер.
Истражувањето за состојбата на Бајден се интензивираше во последните недели, бидејќи во нова книга беше обвинет близок круг луѓе од претходната администрација за прикривање на неговото „физичко влошување“ за време на неговата несреќна кампања за реизбор минатата година.Во книгата „Original Sin“, напишана од Џејк Тапер од Си-ен-ен и Алекс Томпсон од „Аксиос“, се тврди дека состојбата на Бајден за време на кампањата била толку лоша што неговите помошници размислувале да му дадат инвалидска количка.
Бајден ненадејно ја заврши својата кампања минатиот јули по неколку недели притисок поради катастрофалниот настап на дебатата со Трамп.
Некои демократи, вклучувајќи ја и поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, јавно го обвинија Бајден дека не се откажал од трката предвреме, што ќе му дадеше на неговата партија повеќе време да номинира популарна замена.
На почетокот на минатиот месец, за Би-би-си Бајден го даде своето прво интервју откако ја напушти Белата куќа, тврдејќи дека не верува оти би имало значење доколку порано се откажел од трката.
Кратко потоа, тој објави дека му е дијагностицирана „агресивна“ форма на рак на простата која се проширила на неговите коски – што доведе до повеќе обвинувања од Белата куќа на Трамп дека оние блиски до поранешниот претседател, вклучувајќи ја и неговата сопруга Џил, порано знаеле за неговата состојба.