Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им нареди на американските амбасади да ги прекинат состаноците за студентски визи додека се подготвува да ги прошири процедурите за проверка на социјалните мрежи за тие студенти. Во копија од меморандум испратен до дипломатските мисии, државниот секретар Марко Рубио рече дека паузата ќе трае „до понатамошно известување“. Тој додаде дека ќе се засилат проверките на социјалните мрежи за студентски и за размена на визи, пренесува Си-би-ес Њуз.
Засилените проверки уследија по тврдењата на Трамп дека некои американски универзитети се премногу „левичарски“ и промовираат „антисемитизам“, пренесува Танјуг. Американскиот претседател неодамна се обиде да му забрани на Харвард да запишува странски студенти, а спроведувањето на таа наредба беше одложено од федерален судија.