Имаме 150 земји кои сакаат да склучат договор, но не сме во можност да ги примиме сите – рече американскиот претседател. Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска изјави дека во наредните недели Вашингтон еднострано ќе ги информира бројните трговски партнери за новите царински стапки, бидејќи САД немаат капацитет за поединечни договори со секоја земја. Зборувајќи пред бизнис лидерите за време на посетата на Обединетите Арапски Емирати, Трамп рече дека во моментов е „невозможно“ да се одржат разговори со 150 земји кои сакаат договор со САД. „Имаме 150 земји кои сакаат да склучат договор, но не сме во можност да ги примиме сите “, рече американскиот претседател.
Според него, американскиот министер за финансии, Скот Бесант и министерот за трговија, Хауард Лутник ќе почнат да испраќаат писма во рок од две до три недели во кои јасно ќе бидат наведени кои царински тарифи ќе се применуваат за увоз на стоки од тие земји во Соединетите Американски Држави.
Оваа изјава доаѓа откако Трамп прогласи „Ден на ослободувањето“ на почетокот на април и воведе универзална царина од 10 проценти за сите странски производи, предизвикувајќи бурни реакции на пазарите. Поради притисокот, Белата куќа потоа привремено ги ублажи некои мерки – Европската Унија беше ослободена од реципроцитет, беше потпишан договор со Велика Британија за намалување на царините, додека со Кина беше договорена тримесечна пауза. Вашингтон, сепак, сега јасно става до знаење дека приоритет во билатералните преговори ќе им се даде на најважните трговски партнери како што се Индија, Јапонија и Јужна Кореја, додека разговорите со Европската Унија сè уште се во тек.