Со силен и театарски настап, Доналд Трамп повторно го сврте вниманието кон себе – овој пат преку грандиозна воена парада во Вашингтон по повод 250 години од основањето на американската армија. Настанот, кој не случајно се совпадна со неговиот 79-ти роденден, беше повод за пораките што ги испрати на домашен и меѓународен план.
„Време е и Америка да ги слави своите победи како што тоа го прават и другите земји“, рече Трамп, јасно посочувајќи дека не се срами од силата што ја претставува американската армија. Пораката беше гласна и недвосмислена – непријателите на САД да се подготват на пораз, бидејќи, како што порача: „Нашите војници никогаш не се откажуваат. Тие се борат – и победуваат“. Трамп, во свој стил, не штедеше зборови за да ја опише американската армија како „најстариот огранок на најголемата борбена сила што човештвото ја познавало“. И сето тоа беше пренесено со висок стил, пред очите на илјадници гледачи и со сценографија што вклучуваше преку 6.000 војници, 150 оклопни возила, 50 авиони, коњичка единица и симболичен падобрански скок со американското знаме. Најемотивниот момент беше посветен на ветераните и припадниците на армијата. „ Благодарение на нив, Америка 250 години стои исправено, гордо и слободно“, заврши Трамп.