Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наводите за владина измама за намалување на трошоците, наводно откриени од тим предводен од неговиот помошник и шеф на Одделот за владина ефикасност, Илон Маск, се испратени до Министерството за правда за кривична истрага.
„Да, имаше. Погледнете некои од овие работи што се случија – милијарди долари“, рече Трамп во интервју за Eј-би-си Њуз, на прашањето дали има некои препораки за истрага за измамата, објави Блумберг. Трамп не даде никакви детали за тоа какви информации се проследени до Министерството за правда, пренесува Танјуг. Маск постојано тврдеше дека неговиот тим открил поединци кои лажно тврделе дека ги исполнуваат условите за бенефиции за невработеност или социјално осигурување, иако биле премногу млади или премногу стари за да го сторат тоа. Сепак, владините претставници изјавија дека многу од овие примери се погрешно протолкувани. Претходно овој месец, Маск изјави дека „некој ќе биде уапсен“ за измамите со социјалното осигурување.