Американскиот претседател Доналд Трамп разгледува воведување нови санкции против Русија оваа недела, бидејќи тензиите со рускиот претседател Владимир Путин ескалираа поради континуираните напади во Украина и недостатокот на напредок во мировните преговори, се наведува во извештајот на Волстрит журнал.
Иако не се очекуваат нови финансиски санкции, американската администрација истражува други мерки за притисок врз Путин да направи отстапки, вклучително и поддршка на 30-дневниот прекин на огнот поддржан од Украина, предлог што Русија постојано го отфрла, објави во понеделникот Волстрит журнал (WSJ,) повикувајќи се на извори блиски до Трамп. Сепак, Трамп би можел да одлучи да не воведува нови санкции, се вели во извештајот. Говорејќи во неделата, Трамп потврди дека сериозно се размислува за нови санкции кон Русија.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека сака да види мировен договор со преговарање. Претседателот исто така беше паметен да ги задржи сите опции на маса“, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Левит за Волстрит журнал (The Wall Street Journal).