Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи на својата социјална мрежа, по првите резултати од германските избори. Според првичните анкети, коалицијата ЦДУ/ЦСУ освои најмногу гласови – околу 28,6 отсто, додека втора е ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АФД), која има околу 20 отсто од гласовите. Трамп на својата социјална мрежа „Truth Sociel“ напиша дека ова е „голем ден за Германија“.
„Се чини дека конзервативната партија во Германија победи на изборите. Се чини дека, исто како и во САД, и во Германија луѓето се уморни од агендата без здрав разум, особено за прашањата како енергијата и имиграцијата. Ова е одличен ден за Германија и за Соединетите држави под водство на господинот Доналд Трамп“, напиша Трамп во објавата. Излезните анкети објавени попладнево покажаа дека унијата на ЦДУ/ЦСУ, предводена од Фридрих Мерц, освоила 28,6 отсто од гласовите на предвремените парламентарни избори, а на второ место е АфД, која оствари историски најдобар резултат од речиси 20 отсто од гласовите. СДП, партијата на досегашниот канцелар Олаф Шолц, е на третото место со освоение 16-16,5 отсто од гласовите. Шолц го призна поразот и ѝ ја честиташе победата на ЦДУ.