Американскиот министер за трговија Хауард Лутник потврди дека Белата куќа нема да ги воведе увозните царини од 50 отсто за канадскиот челик и алуминиум, пренесува „Си-би-ес њуз“. Одлуката доаѓа откако канадската држава Онтарио се откажа од планот за воведување доплата за струјата која од нејзина територија се извезува во САД. Високиот трговски советник на администрацијата на Трамп, Питер Наваро, претходно најави таков исход. Тој им рече на новинарите пред Белата куќа дека промената на одлуката дошла откако премиерот на Онтарио Даг Форд го повлекол планот за воведување доплата на електрична енергија, за која Наваро рече дека може да предизвика проблеми.
„Мислам дека (Даг Форд, н.з.) сфати дека ова не е борба за која вреди да се бориме“, рече Наваро, додавајќи дека ги повика канадските власти „да ја ублажат реториката“. Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека САД ќе ја удвојат царината за челикот и алуминиумот од Канада на 50% поради одлуката на канадската провинција да воведе давачка од 25% за извозот на електрична енергија во САД. Но, премиерот на Онтарио Даг Форд ја суспендираше таа одлука и најави разговори во Вашингтон. И покрај повлекувањето на планот за двократна царинска тарифа, постојните царини од 25 отсто за канадскиот челик и алуминиум ќе останат на сила и ќе стапат на сила во среда, потврди Лутник.