Соединетите Американски Држави изразиле несогласување со употребата на изразите „агресор“ и „агресија“ во однос на Русија во официјалната декларација на групата Г7 по повод три години од почетокот на војната во Украина, пишува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на пет западни претставници запознаени со ситуацијата. Според извештајот, САД се спротиставуваат на тоа руската инвазија врз Украина да биде означена како агресија во текстот на изјавата, што би можело да ја загрози традиционалната кохезија меѓу членките на Г7. Во меѓувреме, сè уште не е постигнат договор околу учеството на украинскиот претседател Володимир Зеленски на виртуелниот самит на Г7 закажан за понеделник.
Несогласувањето од страна на САД доаѓа во контекст на ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој отворено ја обвини Украина за војната, го нарече Зеленски „диктатор без избори“ и предложи Русија повторно да биде дел од Г7. Според информациите на „Фајненшл тајмс“, американските претставници се спротивставиле на употребата на термините како „руска агресија“ или слични изрази, кои лидерите на Г7 редовно ги употребуваат од 2022 година за да го карактеризираат конфликтот во Украина. – Од клучна важност е да се направи јасна разлика помеѓу Русија и Украина. Тие не треба да се сметаат за еднакви страни. Американската позиција го блокира ваквиот јазик, но разговорите се уште во тек со надеж за договор – вели еден од добро информираните извори. Во минатогодишната изјава на Г7, изразот „руска агресија“ беше споменат дури пет пати. Настојувањето на администрацијата на Доналд Трамп да внесе помека реторика кога станува збор за Русија, ја одразува новата насока на американската политика, со која конфликтот сè почесто се опишува како „вонредна ситуација во Украина“. Во последните официјални соопштенија на Стејт департментот, вклучително и по средбата меѓу државниот секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Ријад, често се користи изразот „конфликт во Украина“, избегнувајќи поостри квалификации. Ова се случува во време на интензивни дипломатски контакти меѓу Москва и Вашингтон, како и по серијата остри изјави од Доналд Трамп, кој го нарече Зеленски „диктатор без избори“ и го обвини за продлабочување на воениот судир во Украина.