Доналд Трамп уште еднаш отворено ги обвини Володимир Зеленски и „корумпираниот Џо Бајден“ за започнување на војната во Украина. Трамп додаде дека Путин го почитувал за време на неговиот прв мандат. „Војната меѓу Русија и Украина е војна на Бајден, а не моја. Само што пристигнав и за време на моите четири години на функција немаше проблем да се спречи. Претседателот Путин и сите други го почитуваа вашиот претседател! Јас немав врска со оваа војна, но работам да се запрат смртта и уништувањето. Да не беа наместени претседателските избори во 2020 година, што беа, на толку многу начини, таа страшна војна никогаш немаше да се случи. Претседателот Зеленски и непријателскиот Џо Бајден направија апсолутно ужасна работа што дозволија да започне оваа трагедија. Имаше толку многу начини да се спречи тоа да започне. Но, тоа е минато. Мораме да го запреме сега, и побрзо. Толку жално!“, напиша Трамп.
Набргу по објавувањето на неговата социјална мрежа „Вистина“, Трамп повторно ги нападна Зеленски и Бајден во изјава за време на средбата со претседателот на Ел Салвадор, но овој пат го спомна и Путин. Трамп рече дека не го смета Зеленски за компетентен и тврди дека тој, Џо Бајден и Владимир Путин се одговорни за војната во Украина. „Да беше Бајден компетентен и ако Зеленски беше компетентен, а не знам дека беше… Таа војна не требаше да се дозволи да се случи“. „Бајден можеше да го спречи, а Зеленски можеше да го спречи. А Путин никогаш не требаше да го започне“, додаде тој. На прашањето за украинскиот претседател, Трамп дополнително рече: „Кога започнувате војна, мора да знаете дека можете да ја победите. Не започнувате војна против некој кој е 20 пати посилен од вас. И тогаш се надевате дека некој ќе ви испрати проектили“. Трамп тврдеше дека тој бил првиот што и испорачал ракети Javelin на Украина и дека денешниот конфликт можел да се избегне.
Според него, редот на одговорност за војната е: Путин, Бајден, па Зеленски. „Милиони луѓе се мртви поради три лица“, заклучи Трамп. Две руски балистички проектили вчера го погодија самиот центар на северниот украински град Суми, при што загинаа најмалку 34 лица, а беа повредени 117, во најсмртоносниот напад врз Украина оваа година, соопштија украинските власти. На нападот реагираше и Трамп. Тој рече дека рускиот напад врз Суми бил страшен. „Мислам дека е страшно. Ми кажаа дека направиле грешка. Но мислам дека е страшно. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Мислам дека самиот почеток на таа војна беше злоупотреба на моќта. Соединетите држави никогаш немаше да дозволат таа војна да започне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота“, им рече тој на новинарите на Air Force One по враќањето во Вашингтон. Запрашан да разјасни што сака да каже со грешката, Трамп рече: „Тие направија грешка… Мора да ги прашате“, без да прецизира на кого точно мислел или за каква грешка станува збор, пренесе агенцијата Франс прес. „Ова е војна на Бајден. Тоа не е моја војна“, рече тој, мислејќи на поранешниот претседател Џо Бајден, додавајќи: „Само се обидувам да ја прекинам оваа војна за да можеме да спасиме многу животи“.