Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги ослободи на еден месец стоките од Канада и Мексико од царините од 25 отсто што ги воведе неделава, јави „НПР“. Изземањето, кое истекува на 2 април, ги вклучува двата најголеми трговски партнери на САД и се однесува на стоки опфатени со одредбите на Северноамериканскиот трговски договор (НАФТА). Трамп претходно спомена продолжување на рокот само за Мексико, но изменетата наредба за царини ја вклучува и Канада. Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум му се заблагодари на Трамп за „одличниот разговор“ полн со почит, ветувајќи му дека нејзината влада ќе работи на безбедноста и миграцијата откако Вашингтон привремено ги ублажи царините.
Трамп често ja фалeше Шејнбаум, но остро го критикуваше канадскиот премиер Џастин Трудо. И во денешна објава на социјалната мрежа Truth Social, тој го обвини Трудо дека се обидува политички да ја искористи вознемиреноста што Канаѓаните ја чувствуваат за царините. „Верувале или не, и покрај ужасната работа што ја заврши за Канада, мислам дека Џастин Трудо го користи проблемот со царините, што во голема мера самиот го предизвика, за повторно да се кандидира за премиер. Многу забавно за гледање“, напиша Трамп.
Американските берзи нагло паднаа откако Трамп првично имаше намера да го спроведе најавениот план за итно воведување на царините за увозот на канадски стоки во САД. Претседателот денеска пред новинарите тврдеше дека одлуката за паузирање на најавените царини не е поврзана со стрмоглавиот пад на индексите на американските берзи. Тој рече дека за тоа биле виновни „глобалистичките земји и компании“. „Па, многу од нив се глобалистички земји и компании на кои нема да им оди добро затоа што ги враќаме работите што ни беа одземени пред години“, рече Трамп.