Американскиот претседател ги нарече разговорите „многу добри“ и ги оцени како „целосно ресетирање, договорено на пријателски, но конструктивен начин“. Доналд Трамп го пофали постигнувањето на „целосно ресетирање“ на трговските односи меѓу САД и Кина по првиот ден од разговорите меѓу високи американски и кинески претставници во Женева, кои имаат за цел да ја намалат трговската војна предизвикана од воведувањето на царини од негова страна, пренесува Гардијан. Американскиот претседател ги нарече разговорите „многу добри“ и ги оцени како „целосно ресетирање, договорено на пријателски, но конструктивен начин“. „Сакаме, за доброто на двете земји – Кина и САД, да видиме отворање на кинескиот пазар за американскиот бизнис,“ напиша тој на својата платформа Трут Сошл, додавајќи: „ПОСТИГНАТ Е ОГРОМЕН НАПРЕДОК!!!“ Тој не прецизираше за каков напредок станува збор.
Претходно, високи претставници од САД и Кина го завршија првиот ден од разговорите во швајцарскиот град, насочени кон намалување на тензиите што го загрозуваат глобалното стопанство. Според извор близок до преговорите, разговорите требало да продолжат и во неделата. Кинескиот потпретседател на владата, Хе Лифенг, се сретна околу осум часа со американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, и трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, во нивната прва средба лице в лице откако двете најголеми економии во светот воведоа меѓусебни царини поголеми од 100% на производи. Царините што Трамп ги воведе кон Кина оваа година моментално достигнуваат 145%, додека вкупните давачки на одредени кинески производи достигнаа 245%. Кина возврати со контрацарини од 125% на американска стока, што во пракса доведе до речиси целосна трговска блокада меѓу двете земји.
Ниту една страна не даде официјално соопштение по средбата за содржината на разговорите, ниту беше посочен конкретен напредок во намалувањето на високите царини, иако состанокот во резиденцијата на швајцарскиот амбасадор при ОН заврши околу 20 часот по локално време. Бесент, Грир и Хе се сретнаа во Женева по неколку недели растечки тензии предизвикани од царинската офанзива на Трамп започната во февруари, и одговорот од Пекинг што речиси целосно ја замрзна годишната билатерална трговија вредна 600 милијарди долари. Трговскиот конфликт, заедно со одлуката на Трамп минатиот месец да воведе царини и на десетици други земји, ги наруши синџирите на снабдување, ги вознемири финансиските пазари и предизвика страв од глобална економска рецесија. Извор: Новинска агенција МЕТА