Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе испрати 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес откако втор ден не престануваат протестите поради федералните акции за апсење мигранти. Овој потег претставува ескалација во антиимиграциската политика на Трамп и предизвика загриженост кај властите во Калифорнија. Досега Националната гарда е распоредувана во ЛА само во исклучителни случаи.
Последните судири со полицијата се случиле во изолирани делови на градот, меѓу кои и пред продавница во областа Парамонт, при што биле употребени флеш гранати, солзавец, а имало и физички пресметки меѓу демонстрантите и полицијата.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, потврди дека федералната влада има намера да го преземе управувањето со Националната гарда на Калифорнија и да распореди 2.000 војници. Во соопштение тој истакна дека локалната полиција е веќе распоредена и не постои потреба од ваква интервенција која ја нарече „провокативна“, предупредувајќи дека само ќе ги зголеми тензиите. Претседателот на САД, Доналд Трамп, на неговата платформа „Трут соушл“ напиша дека федералната влада ќе го реши проблемот доколку гувернерот Гевин Њусом од Калифорнија и градоначалничката Карен Бас од Лос Анџелес не можат да си ја вршат работата.