Не паѓа снегот за да го покрие брегот, туку секоја ѕверка за да си ја открие трагата. Денеска пред камерите на влезот од парламентот, но и од самата говорница, го видовме вистинското, алчно, незаситно и пред сé арогантно лице на „нашите“ пратеници. Некои со цинично смеење, некои со демонстративно молчење, но сите заедно искажаа невидена ароганција не само кон новинарите, туку и кон граѓаните – оние кои со својот глас и доверба ги довеле на функции, објави универзитетскиот професор Дејан Трајковски по вчерашната одлука на пратениците да не гласаат за ограничување на нивните патни трошоци, по поднесената иницијатива на Левица. Трајковски сподели видео од поставени прашања до дел од пратениците пред да влезат во зградата на Собранието. Според него, „навредуваат сумите (до 155 илјади евра!) што ги зеле за патни трошоци, но уште повеќе навредува ароганцијата“. -Многу бргу заборавија дека одеа по улици и питачеа за нашите гласови на парламентарните избори, а без нашите гласови тие ќе останеа – никој и ништо. Многумина од нив, без никакви професионални достигнувања во животот, па дури и со сомнително образование, добија основна плата од 109.000 денари, признавање и покривање на енормни патни трошоци и трошоци за сместување, како и којзнае какви сé привилегии.
Примаат прилично повисоки плати од универзитетските професори, кои морале да пишуваат научни трудови, да поминат избори и рецензирања. Примаат повисоки плати и од докторите-специјалисти кои поминале 20 години во школски клупи и по болници, пред да започнат да заработуваат. Примаат поголеми плати и од работниците кои работаат на висина и го изложуваат својот живот на ризик. За што примаат плата овие арогантни луѓе? За млатење празна слама и продавање демагогија од собраниската говорница и гласање под команда од нивниот партиски султан, објави професорот. Иако во собраниската сала вчера имаше 100 присутни пратеници, „за“ предлог-измените на Законот за пратеници гласаа само 23 народни избраници, еден беше „против“, а немаше „воздржани“.
Трајковски оценува дека „денеска им е удрена шлаканица на 1,8 милиони граѓани кои наивно поверувале дека во лицето на пратениците ќе имаат луѓе полни со разбирање за нивните проблеми“. -Наместо тоа, добија луѓе кои мислат само на себе и својот личен интерес. Оние арогантни пратеници од снимката не сакаа да им одговорат макар и на новинарите, а камоли да им положат сметки на своите избирачи, на кои им се умилкуваа лажејќи ги дека вратите од нивните канцеларии секогаш ќе бидат отворени за нив. Би било интересно, за проба да им отидеме во канцелариите и да ги прашаме и самите, дали им се малку 109.000 денари, кои наскоро ќе пораснат на 120.000 денари, како и патните надоместоци, трипати повисоки од автобуска карта, стои меѓу другото во објавата на професорот. Предлогот на Левица беше патните трошоци на пратениците да се пресметуваат според пазарната цена на 6,5 литри гориво на секои изминати 100 километри, место како досега по 20 проценти од малопродажната цена на горивото по километар.