Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев денеска остварија средба со градоначалникот на општина Демир Хисар, Никола Најдовски. На средбата се дискутираше за подобрување на капацитетите на општината за поголемо искористување на средствата од европските фондови кои се на располагање, а се разговараше и за тековните и идните проекти од областа на земјоделството и можностите за поддршка преку европските фондови. Посебен акцент беше ставен на унапредување на инфраструктурата и креирање на нови можности за локалните земјоделци.
Во рамки на посетата, делегацијата предводена од заменик-министерката Трајков изврши и обиколка на компанијата Ксенос, која е корисник на ИПАРД програмата и има земено 13 милиони денари поддршка за развој. Министерството за европски прашања секогаш е подготвено да помогне во давањето на насоки и мотивација на општините да аплицираат и да ги користат средствата кои се достапни преку ЕУ фондовите.