Од септември 2025 година, на иницијатива на претседателот Доналд Трамп, САД го прават првиот чекор кон укинување на чекот како инструмент за плаќање. Трезорот на САД ја укинува можноста за плаќање со чекови во полза на државната каса. Според консултантската куќа McKinsey, Американците се глобални лидери во издавање на чекови – 10 пати повеќе од Велика Британија, Австралија, Германија и Франција заедно. Иако од година во година се намалува користењето на чековите во САД, тие сѐ уште ги користат повозрасните граѓани, најчесто за уплати кон добротворни организации, градежни компании и кон државата. Експертите мотивот за укинување на чековите го гледаат во повисоките трансакциски трошоци, кои се за 10 пати повисоки во споредба со електронското плаќање, како и можноста за нивна злоупотреба.
Во Република Македонија чековите ја изгубија својата функција на една средба на тогашниот министер за финансии во Здржението за банкарство при Стопанска комора на Македонија есента во далечната 2006 година. На таа средба на банкарите им беше укажано дека чековите во платниот промет се користат незаконски, најчесто како средство за одложени плаќања, наместо како инструмент за плаќање, и со тоа ја потхрануваат сивата економија. Всушност, таквото нивно користење претставуваше своевидна сива емисија на пари, надвор од каналите на Народна банка на Република Македонија. Ова го отвори патот за метеорски подем во користењеро на платежни картички, со што во значителна мера се осовремени платниот промет кај нас.
