Мислам дека КЗК тешко ќе може овој случај да го оквалификува како картелско однесување. Доколку се докаже спротивното, прашање е какви мерки, односно санкции би се преземале против учесниците во ова „усогласено однесување“. Високата инфлација во последниве неколку години ги принуди владите да преземаат мерки од различна природа за заштита на животниот стандард на граѓаните. Во фокусот на незадоволството од високите цени се најдоа маркетите каде набавуваме претежно прехраnбени производи, свежи и процесирани, пијалaци, средства за лична хигиена и за одржување на хигиената во домот и сл. Некако се амнестирани зелените пазари каде некогаш цените на овошјето и на зеленчукот се на исто рамниште, ако не и повисоки, со тие во големите синџири на маркети, потоа рестораните и кафетериите, сите видови услуги (фризерски, козметичарски и сл.), одржувањето и поправките во домовите, цените на становите и сл.
Притиснати од јавноста и фрустрирани од неефикасноста на преземените мерки, високи владини функционери започнаа да ги обвинуваат трговците, веројатно мислејќи на поголемите синџири, за картелско однесување. Министер за економија и заменик-премиер за економски прашања во претходната влада ги зедоа во свои раце ингеренциите на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), се разбира само вербално, без соодветно познавање на проблематиката од областа на унапредување на конкуренцијата и без потребните анализи и истражни дејствија преку кои треба да се докаже постоење на картелско здружување за попречување на пазарната конкуренција. Во меѓувреме стапи на сила новиот Закон за нефер трговски практики од кој, според најавите на надлежните, се очекуваше намалување на цените во малопродажбата, или барем стопирање на нивниот раст. Познавачите укажуваат дека со примената на овој закон не треба да се очекува намалување на цените. Доказ за ова е фактот што некои ја посочуваат Хрватска како пример за успешна примена на овој закон, а знаеме дека од таму тргна практиката за бојкот на маркетите која се прошири и на други земји на Балканот.
Конечно, нашата Комисија за заштита на конкуренцијата, која се најде под невиден притисок од владини претставници и од пошироката јавност за превземање на чекори за откривање незаконски практики за попречување на конкуренцијата, поведе прекршочна постапка против Сојузот на стопански комори и четири компании за трговија на големо и мало, познати синџири на маркети, за наводен „договор и/или усогласено однесување помеѓу претпријатија забрането со член 7 став (1) точка 1) од Законот за заштита на конкуренцијата …“. Со оглед дека постапката е отворена и е во тек, оставам надлежните да си ја вршат својата работа врз основа на законот на кој се повикуваат. Целта на ова мое обраќање е да укажам на некои заблуди присутни во јавноста околу природата на картелите и борбата против нив со примена на соодветни методи. Непознавањето на материјата, кое е очигледно широко распространето, може да му наштети на процесот и на работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ако некој се прашува од каде си го земам правото за ваквите квалификации, со задоволство ќе одговорам. Пред 30 (триесет) години на Економски факултет – Скопје, при УКИМ – Скопје го воведов и започнав да го предавам предметот Државна регулација на бизнисот во рамките на осовременување на наставниот план како одговор на предизвикот за транзиција кон пазарна економија. Од тогаш континуирано ја изведувам наставата.
При самото формирање на Монополската управа, претходник на Комисијата за заштита на конкуренцијата, на мој предлог беа вработени неколку одлични студенти кои со успех го имаа положено предметот. Тие беа меѓу првите дипломирани економисти со теоретски познавања од областа на заштитата на конкуренцијата во Република Македонија. Некои од нив изградија успешна кариера во Комисијата, прераснаа во врвни експерти во својата област и се редовни гости-предавачи во наставата по предметот Државна регулација на бизнисот. Картелот претставува здружение на претпријатија кои експлицитно ги координираат своите одлуки за одредување на цените и output-от. Веројатноста за формирање на картели е поголема кај олигополските одошто на конкурентските пазари. Постојат повеќе видови картели, но сите го намалуваат output-от и ги зголемуваат цените со елиминирање на конкуренцијата меѓу членовите. Најчести видови картели меѓу продавачите се: спогодби за фиксирање на цените; изигрување на тендери; поделба на купувачите; распределба на територии; и ограничување на output-от, а кај купувачите: спогодби за фиксирање на цените; алокација; и изигрување тендери. Картелите во сите законодавства се забранети и се подложни на строги казни, но треба да се докаже нивното постоење и функционирање. Тоа не е нималку лесно, со оглед на тоа што учесниците во картелот, свесни дека вршат дејствија спротивни на закон, договарањето и мониторингот врз членовите за придржување на спогодбите го вршат во тајност и се трудат да не остават никаква трага која би можела да послужи како доказ за нивното делување или функционирање.
Поради ова, надлежните институции за прибирање на докази, врз основа на судски налог, неретко користат и посебни истражни мерки, како што се следење на комуникации, физичко следење на одредени претставници од компаниите и слично. Не ми е познато дека нашата Комисија за заштита на конкуренцијата до сега има користено вакви мерки. Да се вратиме на случајот за кој КЗК има покренато прекршочна постапка. Основ за ова е соопштение до јавноста од страна на ССК и четирите компании за заклучок по одржана средба во просториите на комората со кој информираат дека до крајот на првиот квартал од тековнава година немало да примаат ценовници со зголемени цени од своите добавувачи. КЗК во овој нивен гест гледа евентуално усогласено делување насочено кон контрола врз цените и наштетување на конкуренцијата. Реков дека ќе оставиме на Комисијата, Комората и засегнатите трговски субјекти да се докажуваат дали има или не основ за прекршочно гонење и изрекување на санкции. Мислам дека КЗК тешко ќе може овој случај да го оквалификува како картелско однесување. Доколку се докаже спротивното, прашање е какви мерки, односно санкции би се преземале против учесниците во ова „усогласено однесување“. Кругови од Комисијата лансираа теза дека санкциите би можеле да бидат во висина од 10% од вкупниот промет на претпријатијата остварен во изминатата година. Медиумите се навлекоа на ова, а јавноста и некои „експерти“ веќе зборуваат за милионски износи во евра што како казна би требало да го платат овие компании. Камо да беше така! Владата ќе немаше проблем да ги врати назад кон компаниите средствата од т.н. солидарен данок по одлуката на Уставен суд. Ова укажува на елементарно непознавање на материјата околу санкционирање на картелите за кои се докажало дека оствариле материјална корист во одреден временски период од своето делување. Значи, прво се определува периодот во кој функционирал картелот и се проценува поединечната корист што ја има остварено секој негов учесник. Врз основа на тоа се определува парична казна, која не може да надмине 10% од вкупниот приход на учесниците во картелот. Казната се одмерува за секој учесник поединечно, со значителни „попусти“ за субјектите кои помогнале за откривање на забранетото однесување или во постапката на изведување докази. Затворските казни во изминатиот половина век се речиси непостоечки. Во нашиот случај нема ништо од ова. Нема ниту цент остварен приход од најава за одбивање да се примат ценовници со зголемени цени од добавувачите. Манипулацијата со евентуални десетици милиони евра казни е обично сеење магла. Изгледа дека како и повеќето од нас, трговците кои се предмет на прекршочно гонење за картелско здружување, не ја познаваат теоријата и практиката на заштита на конкуренцијата. Постапиле наивно и со најдобра намера за да помогнат за стабилизирање на цените, за што со соопштение ја известиле јавноста. Тоа е нивната олеснителна околност. За отежнувачката, ќе треба да ја почекаме одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Има уште нешто што треба да го знае јавноста која очекува брзи решенија и санкции. Одлуката на КЗК е првостепена. Случајот потоа по правило се префрла во судскиот систем, во сите негови инстанци, според позитивните законски прописи.