Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за култура Зоран Љутков, а се однесуваше на одбивањето на проекти кои се од највисоко државно и национално значење-односно, одбивање да се одбележи 30 годишнината од смртта на Васил Иљоски и одбивање на проектот за одбележување на ликовното дело и творештво на Никола Мартиноски. Во продолжение интегрален текст од прашањето: Оваа година на 1-ви ноември треба да одбележиме 30 години од смртта на Васил Иљоски. Македонски драмски писател, есеист, критичар, книжевен историчар и истакнат педагошки работник. Неговото драмско творештво брои десетина драми, едночинки, есеи и бројни публикации на тема на македонскиот јазик и неговата употреба. Васил Иљоски се вбројува во основоположниците на македонската драмска уметност во пред и повоена Македонија. Васил Иљоски е еден од петте основоположници на МАНУ и на Друштвото на писатели на Македонија, како и член на комисијата формирана од Министерството за народна просвета за подготовка на македонската азбука и правопис.
Од 2022 година во Крушево, благодарејќи на иницијативата на Домот на културата и неколку граѓански здруженија, општина Крушево отстапи една просторија во штотуку реновираниот младински културен центар за да се сместат на едно место личните предмети, оригинални ракописи, бројни награди и признанија на овој истакнат македонски деец. Министерството за култура ја препозна потребата од постоење на оваа спомен соба на Васил Иљоски и три години по ред ја поддржуваше реализацијата на овој проект. Како резултат на таа поддршка, се опреми и соодветно и стручно се поставија експонатите и предметите, се конзервираа и ставија под заштита оригиналните ракописи на драмата „Ленче Кумановче“ и „Окрвавен камен“. И токму годинава кога треба да се одбележи 30 годишнината од неговата смрт, министерството за култура и туризам, реши да го прекине овој проект.
Истата судбина ја доживеа и проектот за одбележување на ликовното дело и творештво на Никола Мартиноски – македонскиот Модиљани. И овој бард на ликовната уметност е роден во Крушево на 18 август 1903, во виорот на Илинденското востание. И повторно, Домот на култура во соработка со неколку граѓански здруженија и секако со поддршка на општина Крушево од 2021 година – три години по ред, ја реализира мини ликовната колонија „Никола Мартиноски“. Млади уметници, графички дизајнери, истакнати ликовни педагози, три години по ред, учеа за ликовните техники на Мартиноски – од акварел, преку масло на платно до скулптура. Одбележувањето на 120 годишнината од раѓањето на Никола Мартиноски беше под покровителство на Еуропиан Хаус. Делата настанати на овие мини колонии беа изложувани на денот на неговото раѓање, 18 август, во галеријата Никола Мартиноски во Крушево. И повторно годинава нема место за оваа колонија во програмата на министерството за култура.
Нема поддршка ни за WHEN in Krusevo, настан организиран од млади ентузијасти кој претставува додадена вредност за туристичката понуда на градот и преку кој настан во Крушево секоја година доаѓаа над 2500 посетители за еден викенд. Моето директно прашање е заради кои причини и со кое образложение ги одбивте овие проекти кои се од највисоко државно и национално значење? Или можеби според Вас не се?