Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) вели дека само платени работници можат да бидат продуктивни. Додава дека нашите работници во странство се попродуктивни затоа што се три или четирипати поплатени. Според него, нашите работници во Црна Гора, Словенија, Германија, Србија, Хрватска, Австрија се продуктивни зашто таму платите се три до четирипати повисоки.
„Работниците во Македонија се најниско платени на Балканот, а да не зборуваме за Европа. За жал, ние сме една од државите во регионот која има најниска и просечна и минимална плата. Не гледаме слух од спротивната страна, од Владата или работодавачите да направат некаков сериозен исчекор, иако слушнавме дека во Србија од 1 октомври минималната плата ќе биде 500 евра, онолку колку што бара ССМ во Македонија, а од 1 јануари ќе изнесува 550 евра. Веќе и со повисока плата од онаа што ја бараме работниците, за жал, заминуват од земјава, но не само заради платите, туку и незадоволни од условите во кои живееме“, изјави Трендафилов пред конференцијата на Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ) по повод јубилејот 20 години постоење.
Тој напомена дека продуктивноста треба да се таргетира само преку една работа – зголемување на платите.Загрижувачки тренд на намалување на вкупната продуктивност на македонските компании е утврдено со истражувањето спроведено меѓу домашните фирми.
Резултатите од него беа презентирани денеска во рамки на националната конференција „Продуктивноста и нејзините главни двигатели за економски раст и конкурентност“, организирана по повод 20-годишнината на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ). Инаку, во однос на платите, сите земји во регионот имаат повисоки плати, а соседна Србија планира и вонредно зголемување на минимална плата.