Од 426 фирми за одземање лиценци, само 49 имаат актуелен договор за јавна набавка, но само за 5 проценти од фирмите – лиценцата што ќе им се одземе е релевантна за договорот за јавна набавка. Секоја трета (31 отсто) од фирмите, има годишен приход помал од 15.000 евра. Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, кој ги анализира фирмите кои се најдоа на списокот што го објави Министерството за транспорт за одземање лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање, по спроведените контроли по трагичниот настан во Кочани. За најголем дел од тие 426 фирми, лиценците што ќе им се одземат не се услов за фирмите да работат и да добиваат државни тендери. Во моментов, само 11 проценти од фирмите што се на листата за одземање лиценци имаат актуелни договори за јавни набавки, a само за 5 проценти од фирмите – лиценцата што треба да им се одземе е релевантна за договорот. Инаку, од 426-те фирми, само 101 имале добиено тендер во последните три години, во вкупна вредност од 77 милиони евра. Во моментов, актуелни тендери имаат 49 фирми, во вкупна вредност од 26 милиони евра.
„Само 23 фирми кои имаат важечки договор за јавна набавка всушност ќе ја загубат лиценцата којашто била услов за добивање на тендерот. Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра“, наведено е во соопштението. Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, најголем дел од фирмите остваруваат ниски годишни приходи. Секоја трета (31 отсто) од фирмите има годишен приход помал од 15 илјади евра, додека приходи поголеми од 1 милион евра имаат само 33 фирми, односно 8 отсто. Истражувањето е спроведено врз основа на податоците за имињата на фирмите објавени на списокот на Министерството за транспорт, податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, како и податоците за статусот и финансиските резултати од Бизнис мрежа.