Судија на претходна постапка од основниот суд во Штип им одреди мерка притвор од 30 дена на петтемина државјани од Република Турција, кои се осомничени во убиството на 25-годишниот турски студент во градот, информираше денеска судијата-кривичар и воедно портпарол на Основниот суд во Штип, Сашко Георгиев, кој додаде дека осомничените се спроведени во Затворот Куманово.
Претходно, полицијата вчеравечер ги одведе во Основниот суд Штип петтемина осомничени за убиството во штипскиот кафе – бар, од кои за 21-годишниот К.К државјанин на Република Турција за кој постои сомнение дека го сторил убиството, потоа останатите А.Х, Т.М., О.М, и А.О. на возраст од 21 до 29 години сите државјани на Република Турција поради сомнение дека му помагале на К.К да побогне од местото на убиството.
Убиството се случи пред два дена во кафе-барот „Вами“ на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип. 21-годишниот убиец, со помош на четворица млади луѓе, се обиде да избега со „БМВ“ кон Скопје, а девојката, која според обвинителството го возела автомобилот, ја проби рампата на наплатната станица Миладиновци, но полицијата набргу ја запре и ги уапси сите петмина осомничени.