Денес се одржа настанот „Храна од општините” под мотото „Од нива до трпеза – се од нашата општина”, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во организација на здружението „Наша традиција, наша иднина“.На настанот учествуваат околу 250 претставници и излагачи од 30-тина општини низ целата земја, како и десетина земјоделски задруги и здруженија. Денешниот настан претставува платформа за директно поврзување на земјоделските производители со граѓаните и создавање мостови помеѓу руралните и урбаните средини.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при својот говор истакна дека интересот за промоција и претставување на квалитетните земјоделски производи и традиционалните вредности од сите региони на Македонија е исклучително голем.„Руралните средини не се само извор на храна, туку и чувари на нашата култура, традиција и идентитет”, истакна министерот, додавајќи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство посветено работи во интерес на земјоделците за граѓаните да имаат достапна, квалитетна и безбедна храна.
Посетителите имаат можност да дегустираат автентични производи од секоја општина, кои претставуваат спој на вековната традиција и современото знаење, како и да се запознаат со занаетчиските производи и нивната изработка.Министерот Трипуновски ги повика граѓаните да бидат горди амбасадори на македонските земјоделски производи.„Кога ќе одберете домашен производ, кога ќе ја поддржите локалната економија, вие инвестирате во иднина на нашите села и нашите општини”, нагласи тој.Настанот има за цел да биде поттик за уште поголема соработка, поддршка и вреднување на македонскиот производ, како и негување на традицијата која треба да се пренесе на идните генерации.