„Во делот на второто прашање кое што го поставивте за Програмата за зелена нафта и Програмата за здрав оброк, навидум има многу аномалии кои што ги детектиравме“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на денешната собраниска седница одговарајќи на пратеничко прашање поставено од страна на пратеникот Љупчо Николовски.
„Имено во делот на Програмата за зелената нафта треба да бидете доблесни и да признаете дека таа популистичка мерка која што воведовте, креиравте картички за т.н. за зелена нафта кои што имаа по 300 – 400 денари, повеќе чинеше картичката да се изработи отколку да му се даде на земјоделец вистинска дополнителна стимулација за да има компензација во делот на производството. Мерката беше повеќе популизам“, појасни министерот.
Тој посочи дека имаше многу категории кои што не беа вметнати во т.н. Програма за зелена нафта. „Она што значи модификација, значи реална пресметка на потребна количина на нафтен дериват за секоја земјоделска култура. Тоа значи вметнување и на тутунарите, сточарите, бидејќи и тие треба да добијат стимулација“, нагласи министерот Трипуновски.
„Во делот на Програмата за здрав оброк, не знам зошто се обидовте да го отворите ова прашање иако како актуелен министер во Вашето време додека ја спроведувавте оваа Програма бевме сведоци каде што децата наместо здрав оброк и здрав производ добиваа земјоделски производ од 2 или 3-та категорија“, истакна министерот Трипуновски потсетувајќи го Николовски. Министерот додаде дека модификацијата која што треба да се направи е да се воведе органски производ. Ако е интенцијата да имаме здрав оброк за нашата најмлада популација, тогаш треба да јадат органски производи. Така ќе се стимулира органското производство.