„Субвенциите се исплаќаат редовно, како никогаш до сега. Тоа го говорат сите бројки и податоци кои што ги имаме јавно споделено до сите медиуми и земјоделци. Морам да потенцирам дека Владата со самото доаѓање наследи еден сериозен долг од страна на претходната власт“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во Дневникот на Алсат ТВ. „Планот на Владата е земјоделството да го враќа на пиедесталот во приоритетите. Скоро 8 милијарди денари се исплатени кон македонските земјоделци од сите земјоделски категории, по основ на директните плаќања, по основ на интервентни мерки кои што дополнително се направени, по основ на Програмата за рурален развој“, појасни министерот.
Трипуновски додаде дека не се исплатени само субвенциите од 2024 година, тука влегуваат и субвенциите кои што не биле исплатени за 2022 и 2023 година. „Во моментов она што следи за исплата согласно последниот законски рок 30.06, многу брзо од денес од ова интервју, на сметките ќе ги добијат и основните субвенции овчарите во Република Македонија и одгледувачите на говеда“, најави тој. „Она што навистина го ветувавме во предизборието заедно со премиерот Мицкоски денес го реализираме на дело“, истакна министерот Трипуновски.