Она во минатото што го зборував, денеска го практикувам, а тоа е во земјоделството да се превенираат ситуациите, да се затворат отворените прашања и да се решаваат сите спорни моменти кои што се појавиле, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Тој во интервју за Канал 5 посочи дека во моментов се работи на измена на Законот за вино, каде што се превенираат несакани ситуации кои што би се јавиле во делот на откупот на грозјето. Ние работиме да го дефинираме процесот на откупот, правилата на игра, а тоа во минатото не било пракса, посочи министерот. Трипуновски додаде дека и во делот на тутунот исто така се работи на измена, иако до започнување на откупот на тутун има уште 6-7 месеци.
Во делот на жетвата која што за месец и половина од сега ќе се случи, согласно ветувањето за стоковните резерви, мојата замисла е да се полнат со сопствено производство. Според досегашните правила на игра, согласно Законот за јавни набавки, Агенцијата за стоковни резерви распишува повик и влегува производ како пченица надвор од нашата држава, а домашното производство останува неоткупено. Веќе во финална фаза е измената на Законот каде што се редефинираат правилата за набавка на стоковни резерви, појасни министерот Трипуновски. Министерот истакна дека целта е да се набави домашна храна за потребите на државата во стоковни резерви. Тука првата апликација ќе биде во делот на пченицата и во делот на оризот.