Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска одговараше на пратеничко прашање кое што се однесуваше во делот на земјоделското земјиште. „Откако сум министер со помош на Владата се поведе една сериозна акција во делот на злоупотребата на земјоделското земјиште. Се раскинаа и неколку договори, се ослободија над 2.000 хектари земјоделско земјиште кое што беше злоупотребувано од претходната власт“, појасни министерот.„Во првите месеци од мојот мандат се поделени 967 договори за распределба на земјоделско земјиште. Во моментов тече Јавен повик кој што се работи, во кое ќе биде ставено сето преостанато земјоделско земјиште кое што се наоѓа ширум Република Македонија. И сето тоа се работи само во интерес на сите оние земјоделци кои што сакаат да обработуваат земјоделско земјиште“, истакна тој. Тој додаде дека тренд на правична распределба на земјоделско земјиште додека е тој министер ќе продолжи.
„Државното земјиште треба да биде ставено во функција кај вистинските земјоделци“, посочи министерот Трипуновски. „Во делот на сточарското производство, во наредните месеци ќе има наменски огласи за сточарите каде што ќе имаат предност при добивање на земјоделско земјиште. На сточарите им е потребно земјиште за производство на храна, за да ги намалат загубите во делот на производство на храна, но и да имаат сигурен прилив на храна кој што им потребен“, истакна тој. Министерот Трипуновски најави дека утре ќе го посети Пелагонискиот регион за да оствари средби со земјоделците. „ЗК Пелагонија е во фаза на склучување на Анекс на договор каде што се ослободуваат околу 1.600 хектари државно земјоделско земјиште и ќе се стави на располагање на сточарите од Пелагонија“, нагласи министерот.