Уставниот суд со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје преку механизмот ИПА 3, в понеделник ќе организира тркалезна маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд?“. Тркалезната маса, како што соопштија од Судот, ќе ја отворат претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателката Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас. Воведни обраќања ќе имаат и амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, како и амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер. Обраќањата ќе се емитуваат во живо на веб-страницата и на официјалниот Фејсбук профил на Уставниот суд, со поддршка на Медиумската информативна агенција (МИА), со цел да им се овозможи на сите заинтересирани граѓани да го следат настанот.
Во рамки на тркалезната маса ќе биде презентирана студијата изработена од тројца правни експерти ангажирани преку ИПА 3 проектот – Карстен Манке, Мартин Сопронов и Маргарита Цаца Николовска. Студијата ги анализира правните, компаративните и практичните аспекти на функционирањето на Уставниот суд и ја отвора дилемата за потребата од донесување на посебен Закон за Уставниот суд. Таа е подготвувана во периодот од октомври 2023 до април 2025 година, преку компаративна анализа, преглед на националната законска рамка и консултации со релевантни чинители. Свои излагања на настанот ќе имаат и судиите на Уставниот суд Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева, како и универзитетските професори по уставно право: Татјана Каракамишева, Денис Прешова, Јетон Шасивари и Рената Тренеска Дескоска.
Во дебатата ќе учествуваат и претставници на граѓанскиот сектор, Дарко Аврамовски од „Коалицијата – Сите за правично судење“ и Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници. Со оваа тркалезна маса, Уставниот суд ја официјализира соработката со ЕУ проектот „Зајакнување на капацитетите на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените правни акти и заштита на човековите права“, чија цел е унапредување на владеењето на правото, заштита на основните права и зголемување на транспарентноста на работата на Судот, согласно европските стандарди.