Шведската полиција уапси шест лица под сомнение дека се поврзани со тројно убиство во фризерски салон во градот Упсала. Уапсените се на возраст од 18 до 45 години, соопшти канцеларијата на државниот обвинител. Едно од лицата е осомничено дека директно ги извршило убиствата во вторник вечерта. Шеснаесетгодишник кој беше приведен само неколку часа по нападот беше ослободен во петокот. Тројцата млади луѓе убиени во салонот биле на возраст меѓу 15 и 20 години. Нападот се случил во пресрет на прославата на Валпургиската ноќ, традиционален пролетен фестивал кој привлече илјадници луѓе во центарот на Упсала. Полицијата истражува дали пукањето е поврзано со акцијата против криминалните банди.
Една од жртвите наводно ѝ била позната на полицијата, објавија локалните медиуми. Според тие извештаи, лицето било вклучено во полициска истрага за планиран напад врз роднина на водачот на бандата Исмаил Абд, но никогаш не било обвинето. Упсала, универзитетски град северно од Стокхолм, со години е место на конфликт меѓу водачите на ривалските банди Абд и Рава Маџида. Нов бран насилство меѓу нивните групи започна во 2023 година, кога мајката на Абд беше убиена во својот дом. Шведска во последниве години се соочува со бран насилство меѓу малолетничките членови на банди, вклучувајќи случаи на вандализам и убиства. За да се спротивстави на ескалацијата, шведската влада предложи нов закон што ќе ѝ дозволи на полицијата да прислушкува деца под 15 години.