Тројца пациенти добија пенилни протези целосно покриени преку Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) на Клиниката за урологија во скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“, објави СДК. Досега, од Клиниката пациентите со потреба за ваква интервенција се препраќале во приватните и странските медицински центри, каде на Фондот му се наплаќала неколкукратно повисока цена. Клиниката предвидува годишна потреба од 15 протези. Еректилна дисфунција е состојба кога пациентот не може да постигне или да одржи ерекција и со овој проблем се соочуваат околу 30 проценти возрасни мажи. Со стареењето, процентот се зголемува, а причините, не секогаш се психолошки.
Операциите ги извел д-р Огнен Ивановски од Клиниката за урологија, заедно со урологот д-р Марчел Рад од Медицинскиот факултет во Романија, член на Европскиот одбор за урологија. Станува збор за третман кој е наменет за пациенти кај кои конвенционалните медикаментозни терапии не даваат резултати, особено за лица со долгогодишен дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, претходни обемни хируршки интервенции, жртви на сообраќајни несреќи и други здравствени состојби, поради кои, пенилната имплантација е крајно решение.