Турските обвинители побараа од судот градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и четворица негови помошници да бидат притворени во очекување на судењето под обвинение за тероризам и корупција, соопшти денеска канцеларијата на Имамоглу. Судската одлука за тоа дали Имамоглу ќе биде ослободен од притвор или затворен во очекување на судењето се очекува во раните утрински часови денеска, објави Ројтерс. Имамоглу, клучна опозициска фигура и потенцијален претседателски противкандидат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше приведен во средата под обвинение за корупција и помагање на терористичка група. Тој ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ги „незамисливи обвинувања и клевети“. Илјадници луѓе се собраа вчера пред зградата на општината Истанбул и пред зградата на главниот суд, а стотици полицајци стационирани на двете локации употребија солзавец за да ги растераат демонстрантите, додека толпата фрлаше петарди и други предмети кон нив.
Демонстрантите, исто така, трета ноќ по ред се судрија со полицијата на западниот брег на провинцијата Измир и во главниот град Анкара, каде што полицијата употреби водени топови во толпата. Републиканската народна партија (ЦХП) на Имамоглу, главната опозициска партија, го осуди притворот како политички мотивиран и ги повика приврзаниците на легален протест. Според документите што ги видел Ројтерс, Имамоглу, кој се појави на суд вчера, одговорил на најмалку 70 прашања вкупно за време на полициското испрашување, негирајќи ги сите обвиненија против него. Турската влада негираше какво било влијание врз апсењето на Имамоглу, велејќи дека судството е независно. Имамоглу (54), кој според некои анкети имаше поголема поддршка од Ердоган, требаше да биде именуван како официјален кандидат на ЦХП на следните претседателски избори. Ердоган, кој владее со Турција повеќе од 22 години, вчера ја обвини ЦХП дека се обидува да ја „провоцира нацијата“, додавајќи дека нема да толерира вандализам.