Двегодишното девојче Рана Ел Селчи почина откако во петокот беше нападнато од глутница кучиња скитници во градот Коња, во централна Турција. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, денеска вети дека целосно ќе го спроведе контроверзниот закон за отстранување милиони кучиња скитници од улиците, по смртта на 2-годишно девојче.
Законот, кој групите за заштита на животните го нарекоа „закон за масакр“, беше усвоен од Парламентот минатото лето, но општинските власти го применуваа само делумно, а во некои случаи воопшто не е применуваа. Двегодишното девојче Рана Ел Селчи почина откако во петокот беше нападнато од глутница кучиња скитници во градот Коња, во централна Турција. Нејзината смрт предизвика големи протести поради опасноста што ја претставуваат кучињата скитници кои шетаат по улиците и низ руралните области на Турција, чијшто број, како што проценува Владата, изнесува околу 4 милиони.
По нејзината смрт беше покрената кривична истрага, а општинските работници почнаа да ги фаќаат кучињата. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во саботата рече дека Владата „презема решителни чекори за да обезбеди спроведување на законот“. Кога беше изгласан законот, најголемата опозициска партија најави дека општините во кои е на власт нема да го спроведуваат. Законот предвидува и казни за градоначалниците коишто не ги спроведуваат неговите одредби.