Полицијата го уапси и го однесе пред надлежен обвинител 23-годишниот велешанец кој нападна дете удирајќи го со метален предмет по главата и потоа го влечел во безсознание по улица. Обвинителот веќе побарал притвор, но не само за ова насилство, туку и поради тоа што насилникот нападнал со секира и полицајци. Осомничениот ќе одговара за Насилство врз дете од член 201-а и за шест кривични дела – Напад на службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Постои основано сомнение дека на 13 јуни 23-годишниот велешанец извршил физичко насилство врз девојче родено 2016 година, така што најпрво почнал да ја навредува, а потоа со метален предмет ја удрил по главата. Кога детето паднало на земја тој започнал да ја влече по улицата. Кога родителите на девојчето пријавиле во полиција, шестмина полициски службеници пристигнале на лице место, но осомничениот им се заканувал дека ќе ги нападне со секира и тесла кои ги држел во рацете. Со опасните орудија започнал да се приближува кон полицајците и не застанувал на дадените наредби да запре, по што полициските службеници испукале два предупредувачки куршуми во воздух. Осомничениот избегал, бил недостапен два дена, а потоа фатен и уапсен“, соопшти обвинителството.
По неговото приведување во полициска станица, тој продолжил да им се заканува на полицајците, поради што обвинителот оценил дека постои реална опасност тој да ги доврши кривичните дела или да избега, ако биде пуштен да се брани од слобода.