Кантоналниот суд во Мостар донесе одлука со која му одреди на Марко Шљивиќ едномесечен притвор за предизвикување сообраќајна несреќа во која загинаа три лица во близина на Почитељ. Тој е син на Паво Шљивиќ, истакнат член на партијата на босанските Хрвати – ХДЗ во БиХ, кој со години одржуваше високи позиции во политичкиот и јавниот живот на Федерацијата. Како што јавува телевизијата Н1, притворот на Марко Шљивиќ се смета од 31 мај 2025 година во 11:00 часот, кога е уапсен, а е одреден по предлог на Обвинителството на Мостар поради основано сомнение дека сторил „тешки кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај“ и „загрозување на јавниот сообраќај“ од Кривичниот законик на Федерацијата на БиХ. Шљивиќ е обвинет за управување со возило под дејство на алкохол на 31 мај 2025 година, на автопатот М-17, во селото Шеваш Њиве, град Чапљина, иако бил свесен дека не му е дозволено да вози во таква состојба.
„Тој предизвикал тешка сообраќајна несреќа во која возачот А.Ц. и сопатниците Е.К. и Д.Ж. загинале на местото на настанот. Во несреќата повредени се возачите Џ.Ш. и самиот Марко Шљивиќ, а причинета е значителна материјална штета на три возила и заштитна метална ограда“, соопшти судот. Поради оваа трагедија што ја потресе Босна и Херцеговина, вчера во Мостар беше прогласен Ден на жалост.