Кривични пријави добиле четири лица зашто фалсификувале исправи, за да платат помали увозни давачки при увоз на глисери и едно возило, со што нанеле штета на буџетот од 143.453 денари, соопшти Царинската управа. Освен тоа, инспекторите уште во еден случај утврдиле грубо кршење на законските прописи при што возач, увозник и царински службеник се сомничат за внес на товарно моторно возило во државата, при што за истото е избегнато плаќање увозни давачки, а со тоа била нанесена директна штета врз буџетот од 256.000 денари.
„Во овој случај возилото е одземено, а против сторителите е поднесена кривична пријава и тоа по два основи, кривично дело царинска измама и кривично дело фалсификување исправи. Против царинскиот службеник е изготвено отказно решение“, информираат во Царинската управа. Кривична пријава заради царинска измама и фалсификување исправа е поднесена и до правно и одговорно лице на фирма за сторено кривично дело царинска измама и фалсификување исправа. Сторителите при увоз на товарно моторно возило при царинење на возилото поднеле фалсификувана исправа за преференцијално потекло на стоката со цел истата да биде ослободена од плаќање царина.
„Ова е утврдено по извршена верификација на приложениот доказ за потекло на стоката со царински орган на земја членка на ЕУ, по што изготвено е решение со кое увозникот се задолжува да плати износ од 236.241 денар“, се вели во соопштението.