Одлуката на САД ќе има повеќе индиректно, отколку директно влијание врз целокупната македонска економија затоа што македонскиот извоз на американскиот пазар е мал, додека кон европскиот, каде што земјава извезува многу поголемо количество производи, ќе биде сериозно погоден. Речиси 90 отсто од извозот на Македонија оди во Европската Унија, а таа е погодена со високи царини од 20 отсто за сите земји-членки. – Очекувана е оваа одлука од САД, но е базирана на погрешна методологија, која ништо не значи и буквално целата работа е како мали деца да си играат играчки и си воведуваат царини. Не ја зеле ефективната царинска стапка, туку номиналната царинска стапка. На пример: Македонија има стапка од 65 отсто на увоз на некој производ од САД во вкупна вредност од 100.000 долари за една година. Има 0 отсто на некои производи што се увезуваат од САД во висина од 100 милиони долари. Распонот на стапките не е од 2 до 65 отсто, ефективната, пак, ќе излезе дека е само 2 отсто. Треба да го ставиш како пондер колкав увоз по највисока стапка има Македонија.
Прво голема глупост е што не сме го исчистиле царинскиот систем од такви непотребни царини. Зошто имате толкава царина кон САД или било кој друг, не разбирам. Но, не може САД да го злоупотребува тоа да ни воведе царини затоа што ние не сме го прочистиле списокот. Треба да рече дај тргнете ги овие царини и тераме понатаму. Но, тоа не му одговара на Трамп, вели професорот по економски науки, Ванчо Узунов. Според него, директните ефекти ќе бидат многу мали и не треба да спомнуваат, но индиректните ќе бидат голем проблем за македонската економија. – За ЕУ има царини од 20 отсто, а ЕУ ќе воведе контрамерки. Барем еден период сите ќе настрадаат и ние ќе настрадаме. На Трамп му текна како на дете што си игра, да крши, да мава и да мисли дека нема последици. Светот е во хаос, берзите паѓаат, бизнисмените се лути, а тој вели не знам сега што да правам. Ова што го спомнува владата дека во директни преговори ќе потпишат договор за слободна трговија не значи ништо.
Но, дури и да го потпише, не е проблемот директната царина на Македонија, туку индиректната, треба Европската унија да биде ослободена од царини, не ние. Џабе е, може да потпишеме дека на САД дополнително ќе ѝ плаќаме давачки, но тие нема да извезуваат повеќе овде. Проблемот е меѓу САД и ЕУ, а кога ќе се реши, автоматски ќе добиеме олеснување, вели Узунов. Тој додава дека најдобро за владата е да престане да мисли дека ќе издејствува нешто, туку да види како да го олесни товарот на оние што ќе бидат најпогодени. – Со ЕУ имаме 90 отсто извоз и на толкав извоз ние имаме 20 отсто царини, така ќе му дојде. Јас денес би предложил, САД да ги качи царините за 10 пати и да бидат 330 отсто, но да ни ги тргне тие 20 отсто кон ЕУ , појаснува Узунов.