Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за смртоносниот ракетен напад во кој загинаа најмалку четири лица во интернат во дел од областа Курск во Русија, кој го држат украинските сили. Некои од најжестоките борби во последниве месеци се водеа во регионот Курск што се граничи со Украина, каде што украинските сили зазедоа делови од територијата откако извршија голем прекуграничен упад во август минатата година. Украинските вооружени сили објавија на Телеграма дека Русија лансирала воздушна бомба од руска територија која погодила интернат во Суџа, при што загинале најмалку четворица. Во интернатот имало луѓе кои се подготвувале за евакуација. Според податоците објавени синоќа во 22 часот по локално време, 84 лица биле спасени. Четворица од повредените се во тешка состојба. Спасувачките напори за расчистување на урнатините продолжуваат.
Зеленски: Ова покажува како Русија води војна. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападот на Суџа, на 12 километри од границата со Украина, покажува како Русија води војна. „Тие ја уништија зградата иако таму имаше десетици цивили. Вака Русија ја водеше војната против Чеченија пред неколку децении. Тие убиваа Сиријци на ист начин. Руските бомби на ист начин ги уништуваат домовите на Украина“, рече тој. Руското Министерство за одбрана рано утринава преку Телеграм објави дека украинските сили извршиле „целен ракетен напад врз интернат во градот Суџа“ од украинска територија. Вршителот на должноста гувернер на руската област Курск, Александар Хиштејн, исто така, ги обвини силите на Киев за нападот и рече дека се уште нема сигурни информации за бројот на потенцијални жртви. Портпаролот на украинската војска Олексиј Дмитрашкивски претходно во видео објавено на Фејсбук изјави дека речиси 100 луѓе се под урнатините на местото каде, како што рече, се сместени главно стари и немоќни луѓе.