Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека сега ќе го пренесе предлогот до Русија и дека „топката е во нивно поле“. Соединетите Американски Држави (САД) се согласија веднаш да ја обноват воената помош и размената на разузнавачки информации со Украина, по разговорите во Саудиска Арабија, каде што Киев изрази подготвеност да прифати американски предлог за 30-дневен прекин на огнот во конфликтот со Русија, се вели во заедничкото соопштение на двете земји. Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека сега ќе го пренесе предлогот до Русија и дека „топката е во нивно поле“, јави Ројтерс. „Претседателот сакаше оваа војна да заврши уште вчера… Затоа, се надеваме дека Русите ќе одговорат со ‘да’ што е можно побрзо, за да можеме да преминеме на втората фаза – вистински преговори“, изјави Рубио за новинарите, повикувајќи се на американскиот претседател Доналд Трамп, по објавата на соопштението.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој беше во Саудиска Арабија, но не учествуваше во разговорите, изјави дека предлогот за прекин на огнот е „позитивна иницијатива“, која се однесува на целиот фронт во конфликтот, а не само на воздушните и поморските борби. Дополнително, САД и Украина се согласија што поскоро да склучат сеопфатен договор за развој на критичните минерални ресурси на Украина – договор кој веќе со недели е во подготовка, но беше ставен во неизвесност поради расправијата меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа. Зеленски изјави дека двете земји ќе работат на финализирање на договорот за минералите. Висок советник на Зеленски истакна дека со американските претставници биле дискутирани и можни безбедносни гаранции за Украина, но не наведе конкретни детали. Извор: Новинска агенција МЕТА