Какви се шансите за мир, по речиси три години војна, и под кои услови за Украина и Русија, во која временска рамка и со каква динамика ќе се одвиваат преговорите што би можеле да се водат во Саудиска Арабија се прашањата кои се во фокусот на светската јавност додека конфликтот во Украина не стивнува. Имено, како што пишуваат медиумите, зад најавите за мировен самит во Саудиска Арабија воздухопловните единици на украинските вооружени сили објавија дека руски беспилотни летала ја нападнале земјата од север, југ и исток, што предизвика воздушна тревога во голем број региони, објави Укринформ. Меѓу другото, прогласена е воздушна тревога во регионите на Киев, Херсон и Одеса. Градоначалникот на Николаев, Александар Сенкевич, изјави дека рускиот удар врз термоцентралата Николаев целосно го запре производството на електрична енергија во градот.
„Непријателот ја нападна нашата термоцентрала синоќа со неколку беспилотни летала, кои ги оставија претплатниците на термоцентралата без греење. Производството на електрична енергија е целосно запрено“, рече Сенкевич.
Тој додаде дека градот се обидува да го врати греењето, користејќи алтернативни начини за решавање на проблемот. И додека борбите продолжуваат, стравот од мир го надминува стравот од војна. Кој е најголемиот страв на Европејците, анализираат регионалните медиуми. Ако војната во Украина заврши на неповолен начин за нив, во смисла дека Русија добива многу поголемо влијание отколку што имала досега, тие стравуваат од влијанието што подоцна ќе го има врз балтичките земји, врз некои источноевропски земји, како Романија и Бугарија, забележуваат медиумите.
Значи, тоа е стравот во кој живеат Европејците и тие секогаш размислуваат за тезата дека Русија сега треба да се врати на некои од позициите што ги имаше за време на Советскиот Сојуз. Од друга страна Зеленски не чека ни мир. Однесувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски на конференцијата за безбедност во Минхен го откри неговиот вистински однос кон ситуацијата во која се наоѓа, оцени ирскиот новинар Чеј Боус на социјалната мрежа „Икс“. Тој коментираше како Зеленски нервозно се грчи и прави несоодветни гримаси за време на разговорите со новинарите.
„Овој политичар сега очајнички се обидува да го спречи мирот по секоја цена – за својот народ, за Европа, за Русија и за САД. Погледнете го. Тој знае дека има што да изгуби“, напиша Боус.
За Европската Унија се зборува како актер кој ќе одржи примирје меѓу двете страни, бидејќи Американците велат дека нема да учествуваат во тоа. ЕУ сега е во паника затоа што мировниот зафат е ужасно комплициран потфат, кој бара огромни ресурси и голем број војници. Говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Конференцијата за безбедност во Минхен, во кој тој ја критикуваше ЕУ и истакна дека таа повеќе не дели заеднички демократски вредности со САД и дека ја задушува слободата на говорот и медиумите, ги налути европските лидери, но и добро ги исплаши, истовремено забележуваат дел од регионалните медиуми на темава.