Украина ќе предложи воздушен и поморски прекин на огнот со Русија за време на разговорите со американските претставници во Саудиска Арабија оваа недела, изјави украински официјален претставник за АФП во понеделникот, додека претседателот Володимир Зеленски пристигна во Ријад, објавија повеќе светски медиуми. Средбата во вторник во Саудиска Арабија ќе биде прва меѓу украинските и американските официјални лица откако средбата во Белата куќа меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп се разви во отворен судир.
„Имаме предлог за прекин на огнот на небото и прекин на огнот на море“, рече украинскиот претставник, кој сакаше да остане анонимен. „Бидејќи ова се опциите за прекин на огнот кои се лесни за инсталирање и следење и можно е да се започне со нив“. Фајненшл тајмс, цитирајќи извор информиран за разговорите, претходно објави дека Киев се надева дека предлогот за делумен прекин на огнот може да го натера Вашингтон да продолжи со воената помош и размената на разузнавачки информации. Во понеделникот, Зеленски ја повтори желбата на Украина за мир и ја обвини Русија за продолжување на војната. „Украина бара мир уште од првата секунда од војната. Единствената причина поради која продолжува е Русија“, напиша тој на социјалните мрежи. Инаку запрашан за шансите Киев повторно да добие американска помош, украинскиот функционер избегна шпекулации.
– Немам детали за условите за обновување на помошта, бидејќи Американците не можат јасно да дефинираат што сакаат за возврат, изјави тој. Долготрајното замрзнување на американската размена на воени разузнавачки податоци со Украина би ѝ дало на Русија „значителна предност“ на бојното поле, предупреди функционерот. – Главното прашање е колку долго ќе трае ова. Ако трае долго, тоа ќе им даде значајна предност на Русите, оцени тој. Според него, ограничувањето веќе ја засега способноста на Киев да напаѓа цели на руска територија. Тој тврди дека ова може да доведе до ослабување на украинските сили, кои од летото 2024 година контролираат мал дел од Курската област.
– Тие (Американците) го ограничија делот од размената на податоци што дозволуваше напади директно врз Русија, така што може да постои поврзаност“ помеѓу прекинот на разузнавачката размена и напредувањето на руските сили во регионот, рече украинскиот функционер. Од друга страна, прекинот на американските испораки на оружје сѐ уште нема значително влијание врз украинските борбени капацитети, бидејќи земјата сѐ уште располага со залихи од други држави.