Обележувањето на улицата не беше можно поради дождот и влагата. Ќе биде реализирано кога временските услови ќе се подобрат, односно кога ќе нема дожд и ќе се намали влагата, велат од Општина Центар. Пред повеќе од два месеца заврши реконструкцијата на улицата Елисие Поповски Марко во Капиштец, која цела есен се обновуваше и конечно доби нов асфалт на потегот од вкрстувањето со улицата Водњанска до спојувањето со Загрепска. Но, хаосот со паркирани возила и непроодните тротоари и понатаму остануваат. Жителите се жалат дека реконструкцијата не смени ништо. Поради близината на Клиничкиот центар во должина на улицата се паркираат возила од двете страни, па на оваа многу фреквентна сообраќајница, која е двонасочна, едвај можат да се разминат две возила. За пешаците пак, нема место за движење затоа што поради непрописно паркираните возила недостапни се и онака тесните тротоари.
Ставија нов асфалт, ама ништо не се смени на подобро. Хаос е невиден. Мора да се движиме по улица, што е крајно небезбедно, а ниту полиција реагира, ниту пајак ги крева возилата што се паркирани насекаде. Друг проблем е што на улицата нема ниту пешачки премини ниту е обележана хоризонтална сигнализација, ништо. Катастрофа невидена, срамота – реагира жител на улицата.
Од Општина Центар, пак, велат дека лошото време ги одложило работите, а дека не е дозволено паркирање на двете страни од коловозот.
Обележувањето на улицата не беше можно поради дождот и влагата. Ќе биде реализирано кога временските услови ќе се подобрат, односно кога ќе нема дожд и ќе се намали влагата. Согласно одобрениот сообраќаен проект предвидени се пешачки премини, а паркирањето е предвидено само на едната страна – велат од Центар.
За казнување за непрописно паркирање надлежна е полицијата. Жителите јавно ја повикуваат да обрне внимание на оваа сообраќајница, да казнува и да обезбеди нормално движење на сите учесници во сообраќајот.

Станари од зградата со број 37 на оваа улица се пожалија во нашата редакција дека поради реконструкцијата на улицата биле тргнати заштитните столпчиња од тротоарот и по завршување на градежните работи не биле вратени.
Пред зградата пред влезот и на излезот на гаражата сега се паркирани автомобили затоа што ги извадија и не ги вратија заштитните столпчиња. Не можеме да си влеземе во гаража од овие возила, а излегувањето е непрегледно и небезбедно. Апелираме до Општината да го реши овој проблем и да се вратат заштитните столпчиња на тротоарот за да се спречи узурпацијата на просторот – објаснува еден од станарите.
Од Центар тврдат дека набрзо овој проблем ќе биде надминат.
Во тек сме на набавка на заштитни столпчиња, а извадените ќе бидат заменети и вратени по завршување на постапката – тврдат од Општината.