Жртвите од судирот меѓу авионот на компанијата „Американ Аирлајнс“ и армиски хеликоптер вклучуваат тинејџерски фигуративни и уметнички лизгачи кои се враќале од национално натпреварување со нивните родители и тренери, студентка од Охајо која се враќала од погребот на нејзиниот дедо, двајца кинески државјани и група ловци кои се враќале од организиран лов во Канзас, пренесува Асошиејтед прес. Тие биле меѓу 60 патници и четири члена на екипажот во комерцијалниот лет доцна во средата, кога се судриле со хеликоптерот „Black Hawk“, кој превезувал тројца војници. Официјалните лица соопштија дека нема преживеани.
„Единствениот начин да го пребродиме ова е заедно,“ изјави пасторката Памела Хјуз Мејсон од црквата Св. Павле во Вичита. Комапнијата Американ Аирлајнс постави телефонска линија, како и центри во Вашингтон и Вичита за оние што бараат информации за своите најблиски кои можеби биле во авионот. Еве што знаеме за некои од луѓето кои загинаа во несреќата во средата: Лизгачите Џина Хан и Спенсер Лејн беа меѓу загинатите, според Даг Зегиб, извршен директор на клубот во Бостон. Нивните мајки, Џин Хан и Кристин Лејн, како и нивните тренери Евгенија Шишкова и Вадим Наумов, исто така се меѓу жртвите во несреќата. Хан и Лејн, кој имале околу 16 години. Неколку клубови за уметничко лизгање од Филаделфија и областа Вашингтон исто така соопштија дека некои од нивните млади спортисти биле во авионот. Неколку спортисти од летот присуствувале на развоен камп што се одржал по завршувањето на Првенството на САД во уметничко лизгање во неделата во Вичита, Канзас.
Универзитетот Сидарвил во Охајо соопшти дека една од патничките во авионот била Грејс Максвел, студентка од трета година по машинско инженерство. Нејзиниот татко, Дин Максвел, изјави дека таа се враќала на кампусот од нејзиниот дом во Вичита, Канзас, по присуството на погребот на нејзиниот дедо. Универзитетот во соопштение наведе дека Грејс Максвел овој семестар работела на проект за создавање уред за стабилизација на раката, кој требало да му помогне на едно момче од областа да се храни самостојно, без да зависи од другите. Три други студенти од училишта во округот Ферфакс, Вирџинија, и шест родители од истиот округ исто така биле во авионот, соопшти суперинтендантот Мишел Рид во писмо до семејствата. Филипинскиот полковник Пергентино Малабед Џуниор, кој раководел со одделот за управување со снабдувањето во националната полиција, е меѓу загинатите. Според филипинската полиција, тој отпатувал во САД за да изврши инспекција на опрема што Филипините планирале да ја купат за своите 232.000 полицајци. Кинеската амбасада во САД соопшти дека двајца кинески државјани исто така биле меѓу жртвите, но не даде дополнителни детали. Министерството за надворешни работи на Кина изрази сочувство за жртвите од несреќата и побара од САД „веднаш да известуваат за напредокот во потрагата и спасувањето, како и што побрзо да ја утврдат причината за несреќата.“ Седум лица кои се враќале од организиран лов во Канзас загинале, според објава на Фејсбук од Fowl Plains, водичката служба за лов. Тимот на Fowl Plains изјави дека со текот на годините се зближиле со ловците кои биле на летот и ги сметале за членови на семејството. Во објавата не се наведуваат имињата на жртвите, но се истакнува дека тие ја поминале изминатата недела на воден лов, „се смееја, зборуваа за своите семејства и споделуваа спомени.“ Меѓу загинатите се и тројца војници кои биле во хеликоптерот. Официјални лица изјавија дека нивните посмртни останки ќе бидат пренесени во Одделот за мортална поддршка на Военото воздухопловство во базата Довер во Делавер, кој координира достоинствен трансфер на паднатите воени службеници. Извор: Новинска агенција МЕТА