Неизвесно е дали продолжувањето на реконструкцијата се „темпира“ да се случи непосредно пред изборите со оглед на фактот дека сега ништо не се работи, а од Министерството за култура тврдат дека течат постапки кои очекуваат да завршат до септември. Сѐ уште е неизвесно кога ќе продолжи реконструкцијата на Универзална сала, затоа што Министерството за култура и туризам спроведува постапки кои очекуваат да завршат до септември, по што градежните работи би требало одново да започнат. Повеќе од една година по пожарот кој го зафати објектот, активностите таму се сосема запрени, а од Град Скопје и од Министерството не можат да се пофалат дека се „изнаработија“ на салата ниту во претходниот период.
Ниедно од ветувањата кои во изминатите четири години јавноста ги слушна и од градоначалници и од министри за рокот за завршување на салата досега не се реализираа, а последното ветување дадено од актуелниот министер Зоран Љутков дека скопјани ќе ја имаат салата во 2028 година, според темпото како се одвиваат работите е тешко за верување. Неизвесно е и дали продолжувањето на реконструкцијата се „темпира“ да се случи непосредно пред локалните избори, иако од Министерството прецизно не одговараат на прашањето кога ќе продолжи работата, со оглед на тоа дека се направија и измените на Законот за култура, а кај Универзална сѐ уште ништо не се работи. Оттаму велат дека е извршено испитување на постоечката конструкција, според кое се дадени насоки за дополнително статичко зајакнување на конструкцијата што подразбира измена и дополнување на проектот.
Направена е спецификација за измена на проектната документација и нејзино целосно обезбедување. Следно е објавување на набавка за обезбедување на оваа проектна документација по што ќе следат и постапките за обезбедување на одобрение и избор на субјекти за изведба и надзор. Сите овие постапки се очекува да бидат завршени во наредните неколку месеци, најдоцна до септември доколку од страна на институциите бидат обезбедени сите предуслови – објаснуваат од Министерството. Во Програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција на постојните за 2025 година, Министерството за култура и туризам предвидело 18.775.000 денари за Универзална сала или околу 305.000 евра, пари што веројатно се доволни за спроведување на наведените постапки, но се незначителни за изградба на ваков габаритен објект, кој моментално е сведен само на железна конструкција. Годинава во март се „одбележа“ една деценија откако од таванот падна парче додека во салата се одвиваше партиска трибина на СДСМ, поради што таа беше затворена за какви било настани додека не се реконструира. После повеќегодишни планови, проекти, подготовки реконструкцијата започна во јуни 2021 година, во мандатот на Петре Шилегов, на само неколку месеци пред локалните избори.
Неговата наследничка во градската фотелја Данела Арсовска, набрзо ја запре изградбата тврдејќи дека има грешки во проектот. По подолг застој, откако Градот не најде начин да ја продожи реконструкцијата, советниците во Советот на Град Скопје се согласија изградбата да ја продолжи Министерството за култура, предавајќи му ја салата во привремена надлежност. Откако потребната документација стигна од Арсовска до тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во февруари 2024 година реконструкцијата продолжи, но само два месеца подоцна пожар го изгоре сето дотогаш изградено и останаа само металните конструкции. Оттогаш реконструкцијата е сосема запрена, а министерот Љутков тврдеше дека тоа е направено оти дотогаш се работело незаконски и нелегално. Есенва тој објаснуваше дела треба да поминат измените на Законот за култура и да се донесе уште една одлука во Град Скопје за да може понатаму да се работи. Треба да се донесе уште една одлука од Град Скопје, каде што ќе се даде трајно преземање во делот на градењето во овој процес додека се гради, значи да нема заедничко градење. Министерството треба комплетно да го преземе градењето, целата постапка и кога ќе го заврши објектот, да го врати – рече министерот.
Досега е нејасно за каква одлука станува збор со оглед на фактот дека советниците таква одлука донесоа уште пред две години. Нејасно е и кои институции и какви предуслови треба да се исполнат за продолжување на реконструкцијата, како што тврдат сега од Министерството. Поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска уште пред да се донесат измените на Законот за култура во изјава за „Слободен печат посочи дека сѐ е кристално чисто со документацијата околу Универзална сала и дека Министерството може кога сака да ја продолжи реконструкцијата. Нема никакви законски пречки да ја продолжи реконструкцијата. Има одлука на Советот на Град Скопје, има втора одлука на Советот којашто е потребна, има одлука на Владата, има одобрение за промена на инвеститор, има одобрение за платени комуналии за дополнителните квадрати. Има во документите позитивно мислење од транспорт и врски, позитивно мислење од правобранител, од секретаријат од секаде има позитивни мислења дека имаме право правото на реконструкција да го преземеме и да градиме – рече Костадиновска Стојчевска.