Обединетите нации предупредија дека уништувањето на браната на Днепар ќе има огромно влијание врз глобалната безбедност на храната, ќе ја зголеми нејзината цена и може да го загрози пристапот до вода за пиење за стотици илјади жители.Браната „Каховка“ беше пробиена во раните утрински часови на 6 јуни испуштајќи огромно количество вода, што ја поплави јужна Украина. Засега не е познато што го предизвикало пробивот иако норвешките сеизмолози и американските сателити тврдат дека ја регистрирале експлозијата. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уништувањето.
Шефот на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, изјави за Би-би-си дека влијанието на настанот врз безбедноста на храната во светот може да биде значајно.
„Тоа е житница, целата област низводно, кон Црното Море и Крим, житница е не само за Украина туку и за светот. Веќе се соочуваме со тешкотии во однос на безбедноста на храната, но сега, сигурен сум, цените ќе се зголемат“, рече Грифитс и додаде дека речиси е неизбежно в година да има огромни проблеми со жетвата и сеидбата. „И, така, ќе имаме огромно влијание врз безбедноста на храната, тоа ќе се случи“, рече тој.
Украина и Русија се два од клучните светски производители на храна и главни играчи на пазарот за пченица, јачмен, пченка, семе од репка, семки од сончоглед и сончогледово масло. Грифитс рече дека 700.000 луѓе зависат од резервоарот за вода што го држи браната за вода за пиење. Без чиста вода, тие се изложени на ризик од болести, а децата се најранливи.
Според Британецот штета од ваков обем е нанесена на цивилната инфраструктура со целосно кршење на меѓународното хуманитарно право, вклучително и Женевската конвенција.